За МКЦ Битола

Младински културен центар – Битола (МКЦ – Битола) е младинска, непрофитна, граѓанска организација основана во 1999 година.

Во долгогодишниот континуиран развој вложени се многу енергија и средства за ефикасно функционирање на центарот. Во периодот од 2001 до 2004 година МКЦ – Битола реализираше тригодишна програма за институционално и програмско јакнење поддржана од Европската културна фондација – програмата Култура Нова.

Во периодот 2006 – 2009 програмите на МКЦ – Битола беа поддржани од USAID преку програмата за поддршка на граѓанското општество имплементирана од Институтот за трајни заедници, а во периодот 2010 – 2012, МКЦ – Битола користеше институционален грант од програмата CIVICA Mobilitas на Швајцарската агенција за развој и соработка, а имплементирана од Центарот за институционален развој – ЦИРа.

zaMkc

Со овие процеси и со континуираното вложување во надградба на вештините и потенцијалите на своите членови, МКЦ – Битола прерасна во една од водечките младински организации во Битола и Република Македонија. Денес, благодарение на просторните, техничките и организациските можности, МКЦ – Битола функционира како сервис за имплементирање на идеите на младите луѓе. Всушност, главната придобивка од формирањето на овој центар ја имаат младите од Битола. Преку младинските програми кои континуирано се реализираат во МКЦ – Битола се отвораат можности за личен развој на младите луѓе и нивна полесна инклузија во општеството што пак води кон развој и јакнење на локалната заедница во целина.