Во рамките на клубот на средношколци „Локални младински иницијативи (ЛМИ)“ при МКЦ – Битола во периодот 10 – 12 април 2012 година се реализира јавен настан под мотото „Преку прагот“.
Јавниот настан е иницијатива комплетно осмислена и планирано да биде спроведена од младите средношколци – членови на овој клуб со цел промоција и поттикнување на активно младинско учество во општествените процеси на локално ниво.
Идејата за настанот произлезе од констатацијата дека апатијата кај средношколците, непознавањето и незаинтересираноста за состојбите во локалната заедница резултираат со недоверба кон локалните институции. На национално ниво, постојат податоци дека само 16,5 % имаат посетено државна или општинска институција.
„Преку прагот“ е иницијатива која ќе им овозможи на група млади луѓе од средните училишта во Битола да посетат некои од јавните институции во градот: народниот правобранител, основен и апелационен суд, биро за развој на образованието, државен просветен инспекторат, МВР Битола и директно да се запознаат со нивната работа и начинот на функционирање.
Во рамките на оваа неколкудневна активност, во просториите на МКЦ- Битола на ул. Цар Самуил 29 на 10.04.2012 и 12.04 2012 година со почеток во 12.00 часот се организираa јавни настани (дебата и симулација) со средношколците вклучени во иницијативата, со цел споделување на предизвиците и искуството од овие посети со публикатата.